Пониски банкарски камати го означија уште првиот ден од новата година. Неколку банки деновиве информираа дека почнувајќи од 1 јануари 2014 година, ги намалиле каматните стапки, и кај кредитите и кај депозитите. Она што може да се забележи од банкарските соопштенија е дека кога станува збор за кредитите, главно, се снижуваат каматите за населението, но не и за бизнис-секторот. Банкарите објаснуваат дека главна причина за намалување на каматите е спуштањето на референтната каматна стапка од монетарната власт. Покрај Стопанска банка - Скопје и НЛБ Тутунска банка, деновиве и Комерцијална банка на својата веб-страница објави дека ги намалува каматите, а вчера за намалување извести и ТТК банка.
Пониски банкарски камати го означија уште првиот ден од новата година. Неколку банки деновиве информираа дека почнувајќи од 1 јануари 2014 година, ги намалиле каматните стапки, и кај кредитите и кај депозитите.
Она што може да се забележи од банкарските соопштенија е дека кога станува збор за кредитите, главно, се снижуваат каматите за населението, но не и за бизнис-секторот. Банкарите објаснуваат дека главна причина за намалување на каматите е спуштањето на референтната каматна стапка од монетарната власт. Покрај Стопанска банка - Скопје и НЛБ Тутунска банка, деновиве и Комерцијална банка на својата веб-страница објави дека ги намалува каматите, а вчера за намалување извести и ТТК банка.
Комерцијална информира дека почнувајќи од 1 јануари 2014 година, ги намалила каматите и на правни и на физички лица. Кај правните лица се намалени стапките на денарските и на девизните депозити по видување, како и на тековните сметки во денари и во странска валута за 0,03 процентни поени. Намалување има и кај орочените денарски депозити и орочените денарски депозити на пензиски и инвестициски фондови... од 0,1 до 0,4 пп. Кај физичките лица има намалување на позитивните салда на трансакциски тековни сметки и денарски штедни влогови по видување за 0,03 пп, како и кај орочени денарски и девизни штедни влогови од 0,01 до 0,50 процентни поени.
Вчера и ТТК банка соопшти дека, согласно со намалувањето на висината на референтната каматна стапка на НБМ, од 1 јануари банката соодветно ги намалила каматните стапки на денарските кредити за физички лица. „За 0,25-процентни поени се намалени каматните стапки за одредени ненаменски потрошувачки кредити, кредитите достапни преку соработници, кредитните картички, пречекорувања на трансакциска сметка, кај кои каматната стапка ја надминува законската казнена камата“, соопштуваат од ТТК банка.
Завчера НЛБ Тутунска банка извести дека од почетокот на годинава ги намалила каматните стапки на кредитните продукти за физички лица и депозитните продукти за физички лица и правни лица.
Неодамна и Стопанска банка - Скопје соопшти дека ги намалила и каматите на денарските кредити за население. Банката ги приспособила и каматните стапки на денарските и депозитите во странска валута.
Банкарите потенцираат дека минатата година во повеќе наврати ги намалиле каматите за кредитите и дека тие во моментов се на најниско ниво. Тие за годинава најавуваат зголемување на кредитната активност. Инаку, според последните податоци на НБМ, кои се однесуваат на ноември лани, просечната каматна стапка на кредитите во целиот банкарски сектор во земјава изнесувала 7,5 отсто, додека, пак, просекот на каматата на депозитите бил на ниво од 2,8 отсто. Во јануари годинава, пак, каматите на кредитите биле 7,8 отсто, додека оние на депозитите 3,3 проценти. Ова покажува дека не само што е голема разликата меѓу каматите на кредитите и депозитите, туку и дека каматните стапки на влоговите паѓаат побрзо од оние на кредитите.
Експертите со кои комунициравме сметаат дека високиот каматен распон меѓу активните и пасивните банкарски камати е последица, главно, на две причини. „Банките се во една релативна комоција, бидејќи изворите на финансирање, односно депозитната база, е во пораст, додека кредити се бараат, но тешко се одобруваат. Порастот на депозитите при опаѓачки каматни стапки може да се должи на недостигот од други инструменти за штедење на нашиот финансиски пазар, како и на општата воздржаност на населението од потрошувачка. На страната на активата, пак, банките се релативно конзервативни и се' уште одобруваат кредити таму каде што кредитниот ризик е низок или разумен. Значи, имаме ситуација побарувачката за кредити да е висока, ликвидноста на банките да е висока, но кредитната активност ниска. Мислам дека ова е главна причина активните камати да опаѓаат побавно од пасивните“, вели универзитетскиот професор Марјан Петрески.